СОЗР обезбедува поддршка за граѓаните на Гостивар во услови на криза

Во услови на предизвици и кризни ситуации, брзата реакција, координираноста и одговорноста на институциите се од особено значење за обезбедување навремена поддршка на граѓаните.

Согласно одлуката на Владата на Република Северна Македонија, а преку Службата за општи и заеднички работи, од денеска и во наредниот период се обезбедуваат по 50.000 литри вода за пиење дневно за жителите на Гостивар.

Водата се дистрибуира преку повеќе пунктови низ градот, со цел граѓаните да имаат навремен и олеснет пристап до потребната поддршка, сѐ додека траат мерките и препораките донесени од надлежните институции.

„Во вакви моменти најважно е институциите да бидат блиску до граѓаните и да реагираат навремено, организирано и одговорно. СОЗР останува целосно посветена во обезбедувањето на потребната логистичка поддршка и ќе продолжи со координирани активности сѐ до целосно нормализирање на состојбата“, истакна директорот на Службата за општи и заеднички работи.

Благодарност до сите вработени во СОЗР, како и до сите институции, служби и поединци кои се вклучени во реализацијата на оваа активност. Заедничката координација и посветеноста се клучни за успешно справување со предизвиците и заштита на интересите на граѓаните.