Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани

Обраќање по повод Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани

Денес, на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, повторно се навративме на една од најтешките трагедии што ја погоди нашата држава.

Најнапред, изразуваме длабоко и искрено сочувство до семејствата на настраданите. Загубата е ненадоместлива, а болката што ја носат е неизмерна. Оваа трагедија не е само лична, туку и заедничка – човечка и национална.

Во тие исклучително тешки моменти, институциите постапија со чувство на одговорност, итност и солидарност. Беше отворена донаторска сметка преку Црвениот крст, овозможувајќи им на граѓаните да дадат свој придонес и поддршка.

Истовремено, беше свикана итна владина седница, на која од буџетските резерви беа обезбедени почетни 30 милиони денари. Средствата беа наменети за поддршка на семејствата, со цел да бидат во непосредна близина на повредените кои се лекуваа надвор од државата.

Како Служба за општи и заеднички работи, во координација со останатите институции, обезбедивме 24-часовна достапност и поддршка. Сите ресурси беа ставени во функција на граѓаните, вклучително и директна комуникација со засегнатите семејства, кои и понатаму се обраќаат за помош, информации и поддршка.

Дополнително, владиниот авион беше ставен во функција за транспорт на пациенти, имајќи предвид дека во вакви ситуации секоја минута и секоја навремена одлука може да значи спасување на човечки живот.

Оваа конференција претставува повеќе од потсетник на трагедијата – таа е обврска. Обврска да извлечеме поуки, да ги зајакнеме институционалните капацитети, да ги унапредиме клиничките протоколи и да изградиме систем кој ќе биде подготвен да одговори на вакви предизвици.

Во спомен на жртвите, во поддршка на нивните семејства и во интерес на идните генерации, остануваме посветени на градење посилен, похуман и поотпорен систем.

Никогаш да не се повтори.