Конкретни чекори за доизградба на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура

Во насока на подобрување на високото образование и создавање современи услови за работа и студирање, денеска презедовме значаен чекор – потпишавме Меморандум за соработка со Министерството за образование и наука, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Градежниот факултет.
Со овој Меморандум се поставуваат темелите за продолжување на процесот на доизградба на објектите за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичка култура. Целта е да се обезбедат модерни, функционални и енергетски ефикасни објекти кои ќе ги задоволат потребите на академскиот кадар и студентите.
Оваа соработка претставува важен исчекор кон унапредување на образовната инфраструктура и креирање на средина која ќе поттикнува развој, иновации и академска изврсност. Заеднички ќе работиме на реализација на сите фази од проектот, од ревизија на постојната техничка документација до целосна изведба на објектите.
Инвестициите во образованието се инвестиции во иднината. Со ваквите чекори го потврдуваме нашиот ангажман за градење квалитетна образовна и научна инфраструктура, како предуслов за долгорочен општествен и економски развој.